Tags

, ,

img_20161209_141714

Насилството врз жените и девојчињата е реален проблем со кој се соочуваме. Не постои заобиколен, разубавен начин на кој можам да зборувам за овој тивок убиец на надежта и самопочитта, за ова зло што постои пред нашите очи, а за кое ретко се зборува отворено. Бидете гласот, очите и ушите на жртвите на насилство, скршете ги табуата дека тоа е дел од нашето општество, дека блиските (таткото, дечкото, сопругот) не може да повредат или уште полошо, дека имаат право на тоа. Глорифицирање на насилникот и обвинување на жртвата не се начини на кои овој проблем се решава.

Ајде да не замолчуваме кога гледаме и слушаме. Ајде да бидеме потпорната карпа на која една девојка или жена жртва на насилство ќе може да се потпре, да бидеме раката што ќе ја повлече нагоре. Не е лесно да се проговори за насилството. Да помогнеме тој глас да биде слушнат. Но уште поважно од сè е да воспитуваме момчиња за кои насилството не е метод и девојчиња за кои рамноправноста е гарантирана како воздухот што го дишат.

Се приклучувам кон кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство”, со цел поттикнување на иницијативи за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата низ целиот свет на Делегацијата на Европската Унија и семејството на Обединетите нации.  Под мотото „Вклучи се. Исклучи насилство“, во текот на 16 дена помеѓу 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права, се работеше на разни проекти за подигнување на свеста. Мојот придонес е овој повик борбата и помошта да не застанат тука, да продолжат секој ден, да градиме свет на еднаквост и рамноправност на родовите, свет на почит, кон себе и кон другите. 

Бидете промената, растете љубов!

Ве сака ваша Везилка

 

Фото: Наташа Гелева