Драги мои вљубеници во модата, пред некое време ви најавив дека ќе почнам серијал текстови под наслов „Во чевлите на една модна блогерка“ и преку него ќе опфатам теми што сметам дека инаку би ги оптовариле премногу постовите со комбинации. На ваше барање, многу скоро во оваа рубрика ќе има водич низ second hand продавници во Скопје, со мапи за локацијата, што може да најдете во секоја од нив, како да разликувате винтиџ од облека „од втора рака“, како се движат цените и секако, како да ги вметнете најдените парчиња во вашата гардероба. Вашите прашања и идеи може да ми ги праќате и понатаму во инбокс на страната Александрина Везилка на Фејсбук.
За денешниот текст одлучив да зборувам за чевли, да не биде само симболичен насловот на серијалот, нели? Мојата фасцинираност со чевлите, претпоставувам како кај повеќето жени, почна од првиот пат кога ги облеков високите потпетици на мајка ми во кои одвај одев, ама знаев дека жената е моќна кога ги носи. Мојата љубов кон старинската, винтиџ мода, пак исто така е поврзана со обувките, односно со еден пар црвени каубојски чизми што мајка ми ги чуваше долго време откако престана да ги носи, само бидејќи ја потсетуваа на убави времиња. Долго време чекав да пораснам и да ги облечам, да влезам во чевлите на мајка ми и да проживеам можеби и јас дел од нејзината хипи младост во 60-тите и 70-тите, да ги носам баш тие чизми иако тогашната мода беше многу поинаква. Јас само сакав да бидам поразлична и да им дадам нов живот на старите црвени каубојски чизми. Таа желба прерасна во љубов кон сè старинско, поинакво, уникатно, од друго време и ме поттикна да развијам стил по кој ќе се разликувам, но нема да отскокнувам, стил во кој ќе се чувствувам удобно и посебно, а сепак да не изгледам и да не се чувствувам чудно.
Цврсто стојам на мислењето дека изборот на обувки може да ја направи или да ја уништи комбинацијата. И мене ми е најудобно во балетанки и патики, но некои комбинации си бараат високи потпетици и тогаш избирам да носам висина на која ми е удбно. Не велам дека треба да се носат високи потпетици по секоја цена, но ако немате сила да одите на високи потпетици, тогаш не се облекувајте во комбинација што ги бара. Признавам дека и мене ми беше тешко додека да се соочам со овој факт и редовно ги враќав во плакар фустаните што сакав да ги носам тој ден, одбивајќи да ги носам со рамни обувки.
Добрата вест е што барем денес има толку голем избор на рамни чевли, балетанки, еспадрили и сандали што може да изгледате супер дотерано и на рамно, само треба да внимавате со должината и ширината на облеката, како и со материјалите. За да не се препотувате пред отворен плакар пред секое излегување, ќе споделам со вас еден трик: поделете ја облеката (фустани, здолништа, панталони, фармерки) што ќе ја носите во следната сезона на три дела: 1) она што добро стои и на рамно и на високи потпетици; 2) она што стои само на високи потпетици и 3) она што стои САМО на МНОГУ високи потпетици (оваа група речиси и да ја нема веќе во мојот плакар, од практични причини).
Со тек на време научив кои модели на облека визуелно ме издолжуваат и истенчуваат, или барем ги камуфлираат критичните делови. Висока сум, но имам широки колкови што значи дека секогаш ја истакнувам половината и ги разголувам нозете од колена надолу. Во зависност од должината на фустанот или здолништето: носам балетанки и рамни сандали со линија до колена или макси до земја, а средно високи и високи потпетици за миди должина и за мини ако соберам храброст да го облечам. Знаете, оние денови кога сум полна со самодоверба, сум ги нашла совршените хулахопки или вагата ме израдувала со помала бројка 🙂
На оваа тема исто така чувствувам дека е важно да нагласам дека штедливоста не се исплати кога се во прашање обувките. Кај нас многу ретко се наоѓаат second hand и винтиџ обувки што се зачувани и хигиенски безбедни за носење, па така единствените парчиња што сум ги купила на овој начин биле пар црни чизми Dr Martens, оригинално британско производство, кои уште мирисаа на кожа и просто морав да ги купам; и пар балетанки преку веб страницата за продажба и размена на облека, модни додатоци и накит на старо Моја гардероба што беа сосема нови, (девојката купила погрешен број). Штедливоста не се исплати и за купување евтини обувки од кинеско производство кои не само што нема да ви траат долго, туку имаат ужасен мирис, а тоа не е убаво, уште помалку женствено. На крај ќе купите 5 лоши неквалитетни чифта, а за тие пари ќе сте купеле еден ама вреден. Значи да се повторам: не штедам кога станува збор за обувки. Покрај тоа што сакам да носам убави и различни обувки со секоја комбинација, поважно ми е да се удобни и квалитетни, особено оние на висока потпетица. Ако нозете ми се уморни или уште полошо, оштетени од неудобни обувки, тоа ми се познава на лицето и целиот изглед паѓа во вода. Нема ништо понепривлечно од жена што се мачи во сопствените чевли, буквално и метафорично.
Браво Александра, прекрасно напишано!
Ова за обувките целосно те подржувам. Колку и да се убави и модерни ако не се квалитетни и убави џабе е се’.
Исто се радувам за мапата со секнд хенд продавници, не дека во Скопје се отепав од одење ама кога ќе дојдам сакам да ги проверам па и да си купам нешто 🙂
Голем поздрав и keep going :*
*удобни мислев кај второто убави :)))
Благодарам драга! Мило ми е што текстот наиде на вакви реакции 😉 Текстовите за second hand продавниците се крчкаат 😉