
Во организација на новиот моден портал и асоцијација Stylist.mk синоќа во клуб-ресторанот на МКЦ се одржа дебата на тема модата и медиумите во Македонија, како и доделување на награди за најуспешните на Модниот викенд Скопје со што се заокружи ова модно случување за сезоната есен-зима 2013/14. Дебатата, како што ви најавив претходно, беше настан што со нетрпение го очекував, пред сè бидејќи во оваа толку долгоочекувана и потребна дискусија, покрај модните дизајнери,новинари и менаџери, беа вклучени и модните блогери како релевантен фактор во модните случувања.


Наградата за најдобра колекција оваа сезона ја доби Росица Мршиќ, а за најдобра манекенка Маја Ристевска.
Разговорот почна срамежливо, но за брзо време се отворија многу теми како пласманот на модата во медиумите, разликата во природата на различните медиуми (дневни весници, ТВ, портали, блогери), нивните видувања, слободи на изразување и принцип на пласирање на информациите. Исто така се дискутираше за состојбата на модата во Македонија и приближувањето на дизајнерите и модниот свет до потрошувачката публика, што на мое огромно задоволство беше констатирано дека во најголема мера се должи на модните блогери.

Огромно беше задоволството да се види како се развива една здрава и конструктивна дебата со достоен пиетет од сите страни и дека модните блогери со цврсти чекори се етаблираат како составна нишка на модниот свет. Со радост ги очекувам следните дебати на вакви теми што ги најави Stylist.mk и ентузијазмот е голем да се види како понатаму ќе се развива модната сцена во Македонија.