Tags

, , , , , , , , ,

1378803_10151897523319481_572249062_n

Етаблираниот македонски дизајнер Ненад Секирарски заокружи 20 години од неговата кариера со гламурозна ревија за престојната сезона есен-зима 2013/14 на третата вечер од  23. издание на белградскиот Fashion Selection што се одржува од 8 до 20 октомври. Како одличен познавач на сензибилитетот на жената која знае што сака, Секирарски повторно ја воодушеви модната публика со вечерни тоалети во кои овојпат ткае и една сентиментална нишка, создавајќи креации што ја раскажуваат приказната за љубовта и болката, инспириран од португалското фадо што во својата мелодија ја крие токму таа љубовна меланхолија. Избирајќи впечатливи бои како златна, црвена и мастило сина, што недвосмислено ја доловуват неговата интенција, во комбинација со тантела и монистра, Секирарски одново ја создава модерната жена која гордо се носи со своите искуства.

1391912_10151897522019481_1950598913_n

Повеќе детали за линијата и неговите впечатоци од ревијата во Белград читајте во интервјуто со Александрина Везилка и уживајте во ексклузивните фотографии од пистата и backstage што Секирарски ги одвои специјално за блогот.

1383162_10151897521124481_588246433_n

~ Што ви беше инспирација за колекцијата?

Основната инспирација за колекцијата се емоциите вткаени во португалското фадо што на силен начин ја раскажува секогаш приказната за раните на срцето, за копнежот по изгубената љубов, но и достоинството и вербата во вредностите носејќи ја таа болка со достоинство. Сите овие емоции се проткаени во слоевитоста на материјалите во испреплетувањето на мрежите, во “заплетените” тантели како детали, сите заробени во темни и интензивни бои.

1391656_10151897522309481_1590351807_n

~ Дали сте задоволни од организацијата на настанот, како редовен и етаблиран учесник? Дали забележувате напредок во споредба со претходните години?

Јас веќе една деценија учествувам на овој настан и морам да кажам дека се чувстувам како дома. И покрај тешките економски превирања во светот и секако регионот и во многу голема мера намалениот број на учесници и спонзори, мора да се признае дека професионализмот се огледа токму во тоа што во ниту еден момент не се почуствува во backstage и на самата писта дека нешто недостига и сè се одвиваше во најдобар можен ред. Затоа сметам дека е голем успех и напредок што и во вакви тешки услови самиот настан трае повеќе од 10 дена и со одвива со голем успех и покриеност од медиумите.

1381306_10151897522969481_1157674702_n

~ За кој пазар е наменета колекцијата?

За колекцијата, иако пред сè е наменета за домашните клиенти, веќе постои заинтересираност за две online продавници, едната од Европа, а другата од САД, што ќе продаваат дел од моделите во својата понуда за оваа сезона.

1395157_10151897523129481_1241537235_n

~ Каква е жената што ќе ги носи овие парчиња?

Мојата замисла е секогаш иста, жената во мојот модел е самоуверена и нежна, јака но со потреба за прегратка, се облекува за себе па потоа за другите и со својот изглед сака помалку да ги објави своите мисли кои ги чита само оној кој разбира и знае.

1375924_10151897522779481_968831091_n

~ Што е следно од Вас?

Кон крајот на месецот колекцијата ќе биде претставена во Република Српска на еден моден настан кој опфаќа повеќе сегменти бидејќи пред сè е наменет за организирање на свадби. Интересното е што се случува во едно прекрасно место наречено етно село Станишиќи кое изгледа како од бајките и со нетрпение очекувам да видам дали навистина постои и како моите модели ќе изгледаат во еден таков амбиент. Тоа е организирано со изборот на Мис на Босна и Херцеговина па верувам ќе прерасне во еден голем и интересен настан од меѓународен карактер со дизајнери од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и секако јас од Македонија.

backstage fun!

1378318_10151897520899481_1462992614_n 1379955_10151897520599481_1018377404_n 1380712_10151897520984481_1600305200_n 1382118_10151897521564481_999718758_n 1393556_10151897521494481_884055278_n