moody-white-sleeve-nothing-to-wear-1

Немам што да облечам.

Најверојатно ова е најповторуваната реченица на секоја жена, без разлика дали има еден, два, три плакари или соба со облека. Преногу парчиња облека и никаква идеја на памет. За мене таа реченица значи: не ми е при рака/не ме собира во/не е сезоната за… омиленото парче облека. За Caitlin Moran, британска ТВ-критичарка и колумнистка за The Times, немам што да облечам значи дека немам облека за личноста што треба да бидам денес. (“When a woman says, ‘Ihave nothing to wear!’, what she really means is, ‘There’s nothing here for who I’m supposed to be today.”). Реално никогаш не станува збор за немање доволно облека, туку за немање доволно идеи. Меѓутоа денес ќе ви зборувам за еден друг проблем што верувале или не доведува до погоре наведениот проблем. Ние всушност имаме премногу облека. Премногу парчиња што само се трупаат во плакарите: добиени на подарок, купени на попуст, купени од досада, купени како импулс, подарени, најдени во плакарот на мама, парчиња што чекаат… сета таа облека што ви дава чувство дека колку и да го полните плакарот пак е залудно.

I-Have-Nothing-to-Wear

Денот Д

Ден за преуредување на плакарот. Знам дека не е крај на сезона, ама беше крајно време за рационализирање. Ова не беше сезонска чистка. Време беше да ги решам парчињата од категориите „ќе ослабам“, „ќе стеснам“, „ќе скратам“, „ќе купам нешто да одговара со ова“ и ред други „ќе“ категории. Имам облека со која сум емотивно врзана, парчиња што многу ми се допаѓаат, но поминале неколку сезони и јас не сум им нашла другарче, парчиња што се надевам дека повторно ќе ги облечам, но тие само зафаќаат место и немам реален увид во плакарот. Оваа чистка има поинакво име и се вика „освестување“. Повеќето жени не се свесни дека само трупаат облека и дека се тоа всушност парчиња од различно време, различни стилови и пред сè, различни големини. Знам дека мислите дека повторно ќе ги облечете, но најверојатно нема. А да не почнувам за оние што сте ги купиле само бидејќи биле на распродажба, бидејќи биле во тренд или сте се надевале дека ќе имате храброст да ги облечете.

clueless-piles-of-clothes

Рационализирање.

Мора реално да ја согледате ситуацијата. Пред неколку години почнав постепено да го градам мојот автентичен стил по еднодецениско трагање по мојот израз. Секогаш бев слабичка и многу висока и единствен проблем ми беа должините на ногавиците и ракавите. Меѓутоа по 25-тата година моето тело се смени, ја зголемив килажата, добив облини и почнав почесто да носам фустани и здолништа. По три години се вџашив од сознанието дека во тој период всушност немав купено и облечено фармерки. Прво мислев дека намерно не купувам нови додека повторно не ме собере во старите број 29, но подоцна сфатив дека и да ме собере и да купам нови, јас веќе не сакам да ги носам. Мојот стил си дојде сам по себе. Добро, дојде со облините🙂 Тогаш знаев дека колку и да ги сакам и колку и да ми значат некои парчиња, јас едноставно никогаш повеќе нема да ги облечам. Ги спакував сите фармерки и ѝ ги подарив на другарка. Истото го направив со маички и кошули што одамна не ги носев поради бројот и кројот. Потоа следеа фустаните и здолништата кои дури и да ослабам нема да ги облечам бидејќи тоа едноставно веќе не е мој стил. Плакарот здивна со олеснување. Сега има нов проблем: парчиња најдени во плакарите на мама и тетките, парчиња најдени во second hand продавници што чекаат стеснување, скусување, порабување и слично, но тоа е друга тема🙂

tumblr_l62ynghq2R1qa2w57o1_500

Фаза: Пеперутка

Раскрстувањето со духовите на минатото од секаков вид е многу прочистувачко. Истото важи и за минатото во вашиот плакар. Знам, знам… има маички што ве потсетуваат на незаборавни излегувања, фустанот што го носевте на матура, фармерките во кои имавте совршен задник, здолништето што го имате носено сите пет другарки на состаноци… Но мора да го претворите молецот во пеперутка и да го преуредите плакарот. А преуредувањето има и забавен дел: ги пробуваш сите парчиња, правиш нови комбинации, наоѓаш заборавени парчиња… Но, некои мора да си одат. Најдобро е да раскрстите со оние што реално нема веќе никогаш да ги облечете. За нив зборувавме, бидете одлучни и речете им ciao bella. Ако ви се премногу драги, складирајте ги на страна, но не ги чувајте во плакар. Има парчиња што реално ќе ги облечете повторно ако ослабите/се здебелите, но само и само ако тоа се реални цели. Тоа значи дека ако по одередено време (дајте си рамки од 3 до 6 месеци за промена во килажа) не ги остварите целите, вие живеете во заблуда и со сила се обидувате да влезете во некој пар фармерки или изгледате смешно во претесен прекраток фустан. За другите парчиња што немаат врска со величината, најдобро послушајте го советот на дизајнерката Ирина Тошева: „Сè што не си облекол повеќе од година дена има најминимални шанси дека пак ќе го облечеш и подобро подари го и израдувај некого. Тоа е мојата философија.“ Вкусовите на другарките ги знаете, а за донирање, Црвениот крст има отворено сандаче за донирање облека пред нивната зграда. Можете и лично да им ги однесете на социјално загрозени семејства во вашата населба. Облеката треба да биде чиста и здрава. Се надевам дека кај нас ќе заживеат настаните за заменување на облека што функционираат како саем со коктели: се организира забава на која секој може да донесе одреден број парчиња облека или додатоци што нема веќе да ги носи и ги заменува со другите гости. Вашиот плакар и совеста ќе ви бидат благодарни. Секако, откако ќе завршите со ова, не почнувајте нов маѓепсан круг: купувајте рационално и градете го својот стил постепено.

closet6