1. Кога почна приказната за модата и Стефанија Насеска-Попадинец?
– Првите насоки ми ги дадоа професорите по уметност во средно училиште и благодарение на моите родители кои ја почитуваа и поддржаа мојата огромна желба, се запишав на Аccademia Italiana. Токму таму почнува мојата професионална приказна под менторство на Никола Ефтимов и Росица Мршиќ. Додека студирав следуваа бројни изложби и модни ревии, а мене особено драги ми беа оние што ги одржавме во Италија.
2. Модниот бизнис кај нас уште се пробива иако одамна постои. Некои би рекле дека дури и е храбро да се зачекорува во овој свет. Кој беше одлучувачкиот момент да стапиш токму на македонската модна сцена?
– Многумина од нас знаат да кажат дека моден дизајнер не е профитабилна професија токму од причина што модниот бизнис е недоволно развиен, меѓутоа јас го тврдам спротивното. Благодарение на професионалниот кадар што излезе последниве години од високите модни школи во земјава, ситуацијата се помести од мртва точка и почна да се движи по нагорна линија. Клучниот момент за да започнам со работа на македонската модна сцена беа моите драги професори кои едноставно ни кажаа дека заедно можеме повеќе и тоа повеќе почна да се случува.
3. Од Шеќерна приказна до Cartoon Masquerade се забележува созревањето во твојот израз и смелоста со која ги избра темата и материјалите за работа. Дали втората колекција беше наменски направена за Модниот викенд во Скопје и дали се водеше по некои правила додека ја создаваше колекцијата?
– Двете колекции се наменети за различни клиенти, но точно е дека се забележува созревањето на начинот на изразување. Како млад дизајнер, тоа и се очекува од мене: секоја наредна колекција да биде чекор поблиску до врвот. Cartoon Masquerade ќе беше направена и да не учествуваше на Модниот викенд во Скопје, но кај нас е премногу важна и презентацијата, а овој настан ни овозможува достојно и на ниво да ја претставиме својата работа пред македонската публика.
4. Каква е жената што те инспирира и што ги носи твоите креации?
– Личностите кои ме инспирираат и за кои се наменети моите креации се луѓе со изграден стил, смелост и љубов кон она што го носат, луѓе кои сакаат да го освежат својот изглед со модни додатоци и кои се исполнети со самодоверба кога носат некоја од моите креации.
5. Како продолжува приказната на Benedetti и како може да се најдат твоите креации?
– Приказната за Benedetti почна , но сега е ставена во мирување поради моите други професионални обврски кои се однесуват на градење на сопствено име како моден бренд. Работам во моето ателје во Прилеп, а клиентите најчесто ме наоѓаат преку мојот профил на Фејсбук, https://www.facebook.com/stefanija.naseskapopadinec.9.

(Фото: Горан Поповски, Виктор Наумовски; Шминка: Небојша Пешевски; Фризура: Андреј Миске; Модели: Марија Јовановска, Сара Миленковска, Елена Трајановска)
lovely photos!
Thank you on behalf of the photographers 🙂 I merely did the interview with the designer, Stefanija Naseska-Popadinec. The photos are property of: Goran Popovski, Viktor Naumovski and Ani Dimi.
Se voodusevuvam koga ke vidma dizajneri da koristat heklani detali! Preubavi mi se modelive!