Tags

, , , , , , ,

голтам облак прашина
зад твоите запенети коњи:
збогувања
ми тежат во џебовите
ме влечат на колена
ко воденички камења.

топлиот здив на
задоцнето лето
ги папсува очите
уморни од испраќања:
последно задоцнето лето
за нашата прерана севда.

ја кревам главата
во исушените дланки:
твоите коњи
одамна го дале последниот кас:
прва есен зацрнета
уште пред да станам невеста.

дождот донесе засркната мисла:
не давам рушвет за неговите коски!

октомври, 2012