Tags

, , ,

Инспирирајте се од стилот на 50-тите и силуетите во форма на песочен часовник со здолништата со висок струк. Без разлика дали ќе одберете модели во А-форма или тесни и припиени, здолништата со висок струк во секој случај се женствени и им прилегаат на сите фигури, а наедно се неизоставен дел од модните трендови за сезоната пролет-лето 2012.

Овој стил од 50-тите ќе го разубави сечие тело бидејќи го крие вишокот килограми и го нагласува струкот кај оние пополничките, оние со рамен струк магично ќе добијат вита половина, а кај сите ја издолжува ногата. Да не заборавиме колку се лелеави и разиграни оние во А-форма, и женствени и секси оние припиените.

Со едно парче облека ќе го обликувате телото и ќе бидете модерни и во канцеларија, и на попладневно кафе и на вечерно излегување. Се што треба да направите е да го одберете вистинскиот модел, материјал и боја, и почнете со освојување на погледи.

Годинашните трендови го вратија во живот овој модел во сите должини. За преку ден и за формални излегувања, не одете повеќе од еден сантиметар над коленото, особено ако се работи за припиени модели или материјали како шифон. За вечерни излегувања можете да се осмелите и за мини варијантите или одете во друга крајност, долги до подот и гламурозни. Моделите со должина до средината на листот на ногата се одличен избор за секоја пригода, ако сакате да се чувстувате удобно.

За разлика од оригиналниот изглед од 50-тите, овојпат не мора да ги комбинирате овие здолништа само со кошули и блузи што ќе ги носите пикнати внатре. Слободно пресечете го горниот дел со ремен и не се плашете да ги комбинирате со сако или џемперче од кашмир. Стевете ремен дури и ако го носите горниот дел внатре: така ќе ја потенцирате половината.

Поиграјте си со дезените и смелите нијанси. Трендовите ова лето дозволуваат креативност без граници.